Секој оној кој работи во канцеларија, сака да престојува во пријатен и удобен работен амбиент, без разлика дали уредувањето е навистина спектакуларно или просечно. Кога се работи за преуредување и уредување на туѓи работни простории, оној кој во нив работи, ретко добива збор за изразување на сопственото мислење и желби за таа цел. Но затоа пак тоа го има во домашни услови. За сите оние кои сакаат да го разубават и направат својот домашен работен простор продуктивен, ова изложување ќе им биде од помош.Без разлика на браншата во која се работи, од основно значење е да се аранжира работната средина така што таа ќе придонесува кон максимална мотивација и продуктивност. Какви и да се буџетот и просторното ограничување, постојат бројни едноставни методи за постигнување на стимулирачка работна средина во домот.

ИЗБОР НА РАБОТЕН ПРОСТОР

Домашниот работен простор треба да е место во кое непречено ќе може да се задлабочите и да ја извршувате својата работа. За тоа потребно е да се оддели домашниот од работниот живот, со поставување како на физички така и на ментални граници меѓу нив. Атрактивно сценарио е работење на својот лаптоп од спалната соба или од кујната, но сепак најдобриот начин за создавање на мотивирачка и продуктивна работна средина е создавање на посебен работен простор. Идеалното решение за таа намена е посебна соба. Во домовите со помалку простор, тоа може да е дел од некоја соба, како на пример мирен и дискретен дел од дневниот престој.

Дел од дневна соба како работен простор, кој го следи нејзиниот дизајн

Дел од дневна соба како работен простор, кој го следи нејзиниот дизајн

ЕРГОНОМСКО УРЕДУВАЊЕ

Од есенцијално значење е работниот мебел, масата, столот и дополнителните елементи, да се ергономични и со таа цел уредени. Мониторот, тастатурата, глушецот, лаптопот и другите канцелариски уреди, треба да се правилно позиционирани, според висината и аголот на седењето на оној кој работи. Исто така треба да се обезбеди доволен простор за нозете, од столот кон и под работната маса. Ергономично дизајнираниот стол е навистина добра инвестиција, затоа што на него ќе го поминувате целото свое работно време и ќе си ги заштедите здравствените проблемите кои може да се појават со грбот и држењето на телото.

Ергономско дизајниран мебел за работна соба

Ергономско дизајниран мебел за работна соба

ОРГАНИЗИРАЊЕ И ОДРЖУВАЊЕ

Организирањето е потреба за секоја ефективна и ефикасна работа. Организирајте го својот работен простор умно и делотворно. Пристапот кон работната маса нека ви биде минималистички, отстранете сé што стои непотребно од неа и складирајте го во соодветни места, фиоки, шкафови, полици, помошни држачи и сл. Доколку ги немате, набавете ги и организирајте ги за содветна намена. Користете ја мислата „близина базирана врз фреквенција на користење“. Тоа што секојдневно се употребува, треба да е поблиску отколку нешто кое што се користи еднаш во неколку денови. Не тргнувајте само од естетичниот изглед, размислете и за практичноста во работата. Без да ја поместувате столицата или да станувате, треба да можете да досегнете слободно до датотеките и до другите елементи како печатари, скенери, со кои работите.

Минималистички организирана и уредена работна соба

Минималистички организирана и уредена работна соба

Од важно значење е да го средите и организирате хаосот од каблите и жиците на електричните апарати. Каблите се навистина грда потребност во секојдневното општество. Секако дека постои можност да се поседува безжичен глушец, тастатура, интернет итн., но таа опција не постои за секој уред и елемент.

  • Врзете ги каблите заедно, барем оние кои имаат заеднички правец. За тоа може да употребите разни ластици или жичени поврзувачи.
  • Спојте ги долгите кабли кон ѕидот, оние кои се протегаат од една соба во друга или пак од еден дел на работната соба до другиот. Не оставајте тие да се влечат по подот и да претставуваат пречка за нормално функционирање. Зацврстете ги по аглите на ѕидот со спојки.
  • Набавете ретрактивни кабли. Навистина умна иновација е ретрактивната осовина. На тој начин излезните кабли се завлекуваат во еден среден сноп.

Тргнете ја електрониката од видикот. Кабловскиот модем, безжичниот рутер, полначи и др., не би требало да стојат на работната маса и да имате доволно простор за нив врз неа, поставете ги на друго соодветно место.

Организирајте и одржувајте постојано. Поефикасно е кога се останува организиран во текот на целата работа, отколку тоа да го правите на крајот од работата. Постојано треба да се трудите да ја одржувате работната маса уредна и организирана. Истовремено обрнувајте внимание на чистотата на работната маса и простор. Од голема помош е поставување на канцелариска корпа за отпадоци, ги има најразлични, дури и со рециклирачка функција.

ОСВЕТЛУВАЊЕ И БОЈА

Квалитетот на осветлувањето и светлото исто така директно влијаат на работата. Најдобро е кога целосно се искористува природното осветлување и кога се додава правилно и соодветно вештачко осветлување, кое треба да е меко, топло и истовремено јасно и чисто. Ако канцеларијата нема доволно природна светлина, тогаш исправете го тоа. Обезбедете чисти и сјајни прозорци, низ кои светлината лесно и целосно ќе влегува во собата. Употребете ја рефлективната моќ на огледалата, со нивно поставување на места каде продираат сончевите зраци.

Докажано е дека боите влијаат врз расположението на човекот, што директно влијае врз неговата продуктивност. Заради тоа внимателно треба да се креира шема на бои во работниот простор. Направете го тоа со помош на обојување на ѕидовите или некој дел од нив, потоа со помош на постери, слики, фотографии. Поставете интересен десктоп или скринсејвер на екранот.

Земјени тонови и нијанси на бои, со соодветно искористување на светлината

Земјени тонови и нијанси на бои, со соодветно искористување на светлината

ДЕКОРАТИВНИ ЕЛЕМЕНТИ

Декорирањето на домашниот работен простор треба да ги исполнува и двата услови, на естетичност и на функционалност. Доколку не пронајдете елемент кој ги поддржува и двете теми, тогаш набавете и поставете елементи кои се практични и елементи кои ја зголемуваат естетичноста на просторот. Во еден работен простор како декоративен практичен елемент, може да се постави ѕиден планер, табла од било кој вид или календар, кои ќе ви ја олеснат работата при нејзиното организирање и планирање. Во денешно време се произведуваат најразлични дизајни на канцелариски помошен материјал, кој истовремено е функционален и декоративен. Набавете некои интересни и иновативни држачи за прибор, хартии, документи, нотеси, декоративни асесоари како усб топлечки шолји, ламби, вентилатори и сл. Навистина има голем избор, потребно е само да размислите што е тоа што би ви користело во текот на работата и дасе одлучите за одреден дизајн.

Современ дизајн на работна соба со урбани декоративни елементи

Современ дизајн на работна соба со урбани декоративни елементи

Внесете малку живот и природност со поставување на некое зелено растение во работната соба или пак аквариум со колоритни рипки и друг воден живот. Тоа ќе ја разбие монотонијата и истовремено ќе внесе свеж дух во просторот. И ставете потсетник на ѕидниот нотес, за наводнување на растенијата и хранење на водениот свет, за што сигурно ќе најдете време, додека правите пауза од работата.