Составен дел од животот на човекот е природата. Живеејќи во цивилизирано општество, тој одамна ја напуштил како негов некогашен дом, навраќајќи се на неа само во одредени ситуации. Сепак, таа никогаш не го напуштила него. Заради тоа голем е бројот на лица кои сакаат домот на престојување да им поседува поголем природен изглед. Прашање е како елементите на природата, како земјата, водата, воздухот и др., да се внесат во домот на живеење на стилски и декоративен начин.

Тапета со шумски пејсаж во дневна соба со природен допир

Тапета со шумски пејсаж во дневна соба со природен допир

БАЗИЧЕН ИЗГЛЕД НА ПРОСТОРОТ

Кога сакаме да создадеме простор со природен изглед, најдобро е да се тргне од основата. Тоа подразбира природно засновување на подот и ѕидовите од собата.    Одлучете се за подно патосирање кое е направено од природен материјал, како на пример дрвото, бамбусот, плутата, кои ги има во најразлични изведби. Тоа се материјали кои зрачат со топлина и природност. За што поприроден изглед, избегнете го сјајното лакирање на овие подови.

За ѕидовите употребете бои кои се инспирирани од природата. Неутралните тонови на белите, кремастите и беж нијансите, се добра основа врз која понатаму лесно се гради. Комбинирајте со други бои кои може да се сретнат надвор од домот. Кафеавите и зелените тонови се во контекст со земјата и зелениот растителен свет. Сините нијанси асоцираат на водени пространства и небесни ширини. Жолтите и топли бои внесуваат сончеви и цветни есенции.

Друго решение се тапети со природни дезени или фотографии директно инспирирани од природата. Истите лесно може да се заменат тогаш кога ќе посакате.

УРЕДУВАЊЕ НА ПРОСТОРОТ

Одлучете се за мебел кој е направен од природни материјали. Одржете го истиот природен стил за секој елемент од дизајнот. Масивното дрво во светли или потемни тонови, со карактеристичните текстури, во комбинација со други природни мостри, е едно од добрите решенија за внесување природен дух во просторот. Не заборавајте дека вратите и прозорците треба да ја поддржуваат истата шематска линија на мебелот.

Релаксирачко уреден простор во дрвена изведба

Релаксирачко уреден простор во дрвена изведба

Природно дизајниран мебел во склад со надворешната околина

Природно дизајниран мебел во склад со надворешната околина

ДЕКОРИРАЊЕ НА ПРОСТОРОТ

Декорот е тој што може најлесно и најмногу да помогне во креирањето и воведувањето на одреден стил. Природниот стил подразбира декор од природни материјали. Употребете декор директно произлезен од природата, како најразновиден камен, школки, песок, трска, слама, гранки, растенија, кои се само некои основни елементи кои лесно може да се набават. За оние кои сакаат екстравагантен изглед, во предвид може да се земат најразлични подни и ѕидни мозаици од природни материјали. Поставете килими, парчиња крзно, кошници, покривачи и завеси кои ја поддржуваат темата. Запаметете дека декорот треба да ја следи шематската боја на просторот. Декорирајте со помош на овошје и зеленчук. Особено овошјето го внесува тој свеж и животен здив во просторијата, а истовремено е ефтин, едноставен и здрав декоративен начин. Тука може да се размисли и за декорирање со вештачко овошје, но аромата на свежото овошје е незаменлива.

Зеленчук и овошје како декор и аромат на воздухот

Зеленчук и овошје како декор и аромат на воздухот

ОСВЕТЛУВАЊЕ НА ПРОСТОРОТ

Природното осветлување е незаменливо. Оставете сончевите зраци да се слеваат и да го илуминираат просторот. Отстранете ги тешките и загушливи драпери и завеси и заменете ги со лесен, прозрачен материјал. Тргнете ги сите нешта кои стојат пред прозорците и кои претставуваат пречка за навлегувањето на сончевото осветлување. За оние кои имаат убав поглед низ прозорците, искористете го целосно. Отворете го видикот.

Природни текстури, дезени и материјали имплементирани во домот

Природни текстури, дезени и материјали имплементирани во домот

Зелен и природен декор за освежување на капатилото

Зелен и природен декор за освежување на капатилото

ОЖИВУВАЊЕ НА ПРОСТОРОТ

За оваа цел постојат интересни можности. Најразлични цветни и дрвени растенија, овошја, испуштаат ароматични супстанции кои воздухот го опсипуваат со посебен природен мирис кој може да се сретне во најдлабоките шуми, пространите ливади, широките полиња, езерските и морските крајбрежја. Еден од последните трендови кој се користи во релаксирачката спа терапија е внесување на природни звуци во просторот, шумолење на лисја, жуборење на вода, свржење на ветерот, анимални звуци, кои се нависина ефикасни и ефективни за добра духовна релаксација од секојдневните обврски.

Бидете свој личен терапевт и уживајте во својот дом

Бидете свој личен терапевт и уживајте во својот дом

Повеќе природа во сопствениот дом никогаш не е на одмет. Бидете креативни и иновативни, имајќи ја на ум идеата за еколошко припаѓање и зачувување, идеата за враќање кон природата, од која и сме произлегле.